„Миграцијата е израз на човечкиот стремеж за достоинство, безбедност и подобра иднина. Тоа е дел од општественото милје, дел од нашата структура како човечко семејство“.
Бан Ки Мун, поранешен генерален секретар на ОН
Мигрантските работници придонесуваат за растот и развојот на земјите-одредиште, како и на земјите на потекло, особено преку нивните дознаки, и по враќањето, со стекнатите вештини. Меѓународната организација на трудот проценува дека денес во светот има 150 милиони мигрантски работници. Сепак, процесот на миграција подразбира комплексни предизвици. Неодамнешните кризи ја истакнаа критичната улога на мигрантите како неопходни работници, но кризите, исто така, ја изложија и нивната ранливост на здравствените, економските и социјалните влијанија од овие кризи. Пандемијата предизвикана од Ковид-19 имаше разорно влијание врз мигрантските работници и нивниот пристап до достоинствена работа. Покрај здравствената криза, мерките за ограничување на движењето, вклучително и полициските часови и затворањето на границите, имаа импликации врз вработувањето и условите за вработување на мигрантските работници.
За да одговори на повеќекратните предизвици на процесот на миграција, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја истражуваше улогата на дигитализацијата. Како може дигиталната информациска и комуникациска технологија (ИКТ) да ја олесни безбедната миграција на работната сила и правичното ангажирање? Од каде да се почне? Како да бидеме сигурни дека технологијата дава вистински придобивки? За да одговориме на овие прашања, треба подобро да разбереме зошто и како мигрантските работници мигранти ја користат дигиталната технологија. За таа цел, МОТ спроведе истражување кое вклучуваше анализа на низата релевантни постоечки дигитални производи1. Истражувањето беше дел од Иницијативата на МОТ за правично ангажирање (FRI) .
Мигрантите кои учествуваа во студијата изјавија дека користат ИКТ за да соберат широк опсег на информации поврзани со нивното патување и вработување, вклучувајќи документација, информации за плата, сместување и договори. Сепак, речиси половина (49%) рекоа дека воопшто не користат дигитална технологија, а главните причини се недостатокот на знаење за изворите што треба да се консултираат и верувањето дека другите извори се посигурни. Мигрантските работници ги рангираа дезинформациите како најголем проблем поврзан со користењето дигитална технологија и рекоа дека им веруваат на пријателите, семејството и агенциите за регрутирање повеќе отколку на онлајн изворите.
Сепак, дигиталната технологија може да го промени овој тек, особено кога станува збор за заштитата на мигрантите. Бројот на корисници на онлајн содржини ширум светот продолжува да расте, а еволуцијата на ИКТ е неспоредлива од почетокот на пандемијата предизвикана Ковид-19. Ова доведе до нови дигитални алатки, вклучувајќи ги и оние наменети за мигрантските работници, како што се апликации, веб-страници и веб-портали. ИКТ добива на значење, овозможувајќи им на мигрантите да имаат пристап до ажурирани информации пред и за време на нивната миграција. Мигрантските работници може да имаат корист од пристапот до широк опсег на информации, вклучително и за работните услови, релевантните закони за работни односи, обичаите и културата. Пристапот до информации за стандардите за ангажирање и вработување, како и за правата на работниците е од клучно значење за нивната заштита.
Дигитализацијата, вклучувајќи го и процесот на издавање работни дозволи и визи, е растечки тренд на глобално ниво. Едношалтерската платформа која интегрира информации може, од една страна, да помогне во решавањето на клучните прашања за мигрантите во секоја фаза од миграцијата и, од друга страна, да го подобри владиниот процес на собирање податоци поврзани со миграцијата.
ИКТ може да се користи за формално и неформално оценување и препознавање на стекнатите вештини и компетенции. Мигрантите што се враќаат во земјата на потекло се стекнале со различни вештини додека работеле во странство; сепак, ретко каде има системи за препознавање на вештини по нивното враќање. Реинтеграцијата на мигрантите кои се враќаат во нивната земја на потекло и на домашниот пазар на труд може да се олесни преку идентификација и препознавање на релевантните вештини на мигрантите.
Дополнително, дигиталната технологија може да им помогне на мигрантите да ги идентификуваат легитимните наспроти нелегитимните агенции за вработување. Земјите со задолжителни системи за лиценцирање за приватни агенции за вработување би можеле да креираат јавно достапни регистри на лиценцирани агенции за вработување. Редовно ажурираните регистри ќе им овозможат на мигрантите да проверат дали агенциите поседуваат валидни лиценци за да го олеснат посредувањето и вработувањето.
Покрај тоа, новите дигитални решенија за трансфери на дознаки би можеле да придонесат кон намалување на трошоците за мигрантските работници, што е вклучено во Агендата за одржлив развој 2030 година во рамките на Целта 10.в.
Иако дигиталните производи, несомнено, имаат потенцијал да ја направат миграцијата на работна сила побезбедна и поефикасна, тие не можат да решат многу структурни предизвици. За да се искористи максимумот од дигиталната технологија, таа треба да се интегрира во поширок сет на активности со кој ќе се промовира поволна средина за подобрување на вештините, пристап до достоинствена работа, и безбедна и законска миграција. Без ова, постои ризик од дополнително маргинализирање на мигрантите, особено најранливите групи, вклучувајќи ги и оние со ниско ниво на писменост и мал или никаков пристап до дигитални технологии.
1 ILO, Use of Digital Technology in the Recruitment of Migrant Workers