Тереза Албано, службеник за економски прашања во Канцеларијата на координаторот за економски и еколошки активности на ОБСЕ и виш проектен менаџер на проектот E-MINDFUL; Стефано Волпичели, социолог, член на Мултидисциплинарната работна група на проектот E-MINDFUL
Бидејќи 2022 година беше година на тестирање, ги поминав празниците на каучот во „маратонско“ гледање: филмови, ТВ серии, цртани филмови, вклучително и реклами. Некои ми го привлекоа вниманието повеќе од други: Green Book (Зелена книга), инспирирана од вистинската приказна за турнејата од 1962 година низ југот на САД на афроамериканскиот пијанист Дон Ширли и италијанско-американскиот скокач и подоцна актер Френк „Тони Лип“ Валелонга, во својство на возач и телохранител на Ширли. Филмот е именуван по „The Negro Motorist Green Book“, водич за афроамериканските патници, во издание на Виктор Иго Грин од 1936 до 1966 година, во кој се даваат предлози за мотели, ресторани и бензински пумпи наменети за афроамериканците во државите во јужниот дел на САД во кои се применувала расна сегрегација.
Покрај Green Book , навистина уживав во ТВ серијата Bangla достапна на италијанскиот Rai Play, преземена од истоимениот филм „Bangla“, добитник на наградата на наградата Донатело – еден вид италијански Оскар – за најдобар филм и најдобар режисер. Сместени во денешен, мултиетнички Рим – во популарната населба Торпињатара – филмот и ТВ серијата ја раскажуваат приказната за Фаим и Азија, два далечни света кои на прв поглед се некомпатибилни. Тој е муслиман со вкоренети семејни традиции на Бенгал, а таа е атеист и ќерка на разделени родители. И покрај сѐ, како модерни Ромео и Јулија, тие се сакаат, но…
Не сакам да откривам премногу, бидејќи ова е отворена покана за гледање на филмот и/или ТВ серијата, но и двете нудат пријатна, а понекогаш и вознемирувачка инспирација за темата интеграција на мигрантите во заедниците. Она што доаѓа до израз во филмовите е клучното прашање: што е интеграција? Навистина, ова прашање е релевантно бидејќи основната цел на проектот E-MINDFUL е да даде насоки за комуницирање на придонесот на мигрантите во општествата-домаќини, со цел да се надмине доминантната поларизација, и мигрантите да не се гледаат или како „предатори“ или како „жртви“. Главната цел е да се овозможат услови за меѓусебно разбирање и признавање со поддршка на социјалната кохезија и економскиот просперитет.
Што е интеграција?
Кои се клучните услови што ги обезбедуваат заедниците кои овозможуваат чувство на припадност? Според Универзитетот на Обединетите нации : „…Нема јасна дефиниција за зборот „интеграција“, и покрај неговата вообичаена употреба “ (UNU/CRIS и консултантите, 2002 година).
Пред неколку години, беше спроведен истражувачки проект кој вклучуваше голем број интервјуа со креаторите на политиките, со цел да се утврди значењето на терминот интеграција. Од одговорите, очигледно беше дека „интеграцијата“ може различно да се разбере во различни контексти, кои варираат од „асимилација“ до „мултикултурализам“. Во обид да обезбеди насоки, Европската Унија ја дефинираше интеграцијата како „двонасочен процес кој вклучува заемна адаптација на мигрантите и општеството домаќин“, што може да понуди корисни темели за дискусија за тоа што значи во секојдневниот живот да се создаде нов дом на непознато место, со сосема различни навики.
Двонасочен процес
Концептуалната рамка на „двонасочниот процес“, на одреден начин, ја потврдува динамичната меѓусебна врска меѓу мигрантите и општеството домаќин. Тоа поразбира заемно приспособување преку кое двата фактори од равенката подеднакво се приспособуваат и создаваат општествено окружување кое е ново во споредба со првобитното. За да може овој процес да се реализира на најхармоничен начин, потребен е предуслов: позиција на „симетрија“ помеѓу мигрантот и општеството домаќин.
Преку кои перспективи треба да се разгледува оваа симетрија?
Прво, комбинација од законодавни и политички рамки, практики за спроведување и услуги приспособени на потребите што им овозможуваат и на мигрантите и на заедниците домаќини, особено на ранливите групи, да имаат пристап до можности за егзистенција и учество во социјалните, економските, културните и религиозните аспекти на животот. Оваа „поволна средина“ треба да вклучува и пристап до физички простори кои имаат социјален, политички, религиозен и културен карактер. Овој елемент ќе го наречеме „хардвер“ или „материјална“ компонента на интеграцијата.
Второ, „емоционален став“ што им овозможува на странците и другите ранливи лица да се чувствуваат прифатено и добредојдено како „личности што вредат“. Благодарејќи на овој емотивен став, разликите може да се восприемаат како дополнителна корист за „новото“ општество, а ранливоста да се прифаќа и решава со чувство на солидарност и „заедништво“. Како таков, овој елемент ќе го наречеме „софтвер“ или „нематеријална“ компонента на интеграцијата.
Како интеграцијата да функционира за секого
Очигледно, како и кај компјутерите, без соодветен хардвер, софтверот не може да работи и обратно. За да се развие уште пософистициран софтвер кој може да реши поголеми предизвици, неопходно е да се биде опремен со соодветен хардвер. Динамичната интеракција помеѓу мигрантите и заедниците домаќини може непречено да се одвива само кога материјалните елементи – политики и практики – и нематеријалните елементи – ставовите – ќе се усогласат и негуваат во насока на обновување на општеството и економијата во рамки на „двонасочниот процес“. Во оваа динамика, сите сме заедно – старосеелци и дојденци, државјани и мигранти – бидејќи маргинализацијата и кревкоста се заеднички за сите. Кога овие компоненти се заглавуваат или се попречуваат една со друга, и мигрантите и староседелците ќе живеат во несигурна рамнотежа помеѓу светлината и темнината, неизвесноста и безбедноста.
Создавањето приказни и наративи кои можат да го негуваат „нематеријалниот“ елемент на интеграцијата е предизвик што го прифати проектот E-MINDFUL. Националните мултидисциплинарни креативни групи сега развиваат прототипови за информативни кампањи кои имаат за цел да пренесат пораки за заедништво, каде што индивидуалните идентитети се динамично обликувани благодарејќи на средбите со другите, особено со мигрантите. Затоа што нас нѐ отсликуваат средбите што ги имаме.