Тереза Албано, службеник за економски прашања во Канцеларијата на Координаторот за економски прашања и прашања за животната средина, виш проектен менаџер на проектот E-MINDFUL
„Камениот гостин” е метафорички израз, кој упатува кон неминовно, но невидливо присуство, коешто е неочекувано, речиси и вознемирувачко.
Кога се дискутираат факторите што влијаат на односот кон мигрантите, влијанието на миграциските политики и општо, политиката, се чини дека се перцепираат како „Камениот гостин”, присуство кое сите го знаат, но никој не сака да го именува. Истражувањата поврзани со ставовите кон мигрантите, во суштина, им даваат приоритет на посебните индикатори, како што се, на пример, вредностите, или пак, социоекономските, културолошките и демографските фактори. Сепак, миграциските политики и политиката имаат критична улога во создавањето средина каде што ставовите се вкоренуваат и се развиваат. Во некои меѓународни заложби, тие се опишуваат како „овозможувачки услови за сите мигранти да ги збогатат нашите општества преку нивните човечки, економски и социјални способности” (Преамбула, Global Compact for safe, orderly and regular migration, 2018).
Да видиме како овој „Камен гостин” делува.
Првата алатка е управувањето со просторот. Во време на демографски пад и население кое старее, сè повеќе и повеќе станбени единици се празнат, додека пак приемот, како и домувањето на мигрантите се структурно недоволни и неадекватни. Бегалците и мигрантите имаат тенденција да бидат сконцентрирани во изолирани или рурални области, често во прифатни центри и кампови, каде што се далеку од погледите – па следствено стануваат невидливи – или лесно се етикетираат како „осомничени” за некое дело.
Иако движењата на луѓето се редовна појава низ децениите, и за жал може да се предвидат, со оглед на бројните кризи кои се појавуваат низ светот, се добива впечаток дека миграциите што резултираат од конфликти или движењата поттикнати од прогони се појавуваат ненадејно и неочекувано и водат до вонредна состојба. Ваквите вонредни состојби датираат од доцните деведесетти години на минатиот век, кога падот на Берлинскиот ѕид и дигиталната револуција ја забрзаа економската интеграција и доведоа до она што денес се нарекува глобализација. Иако границите за стоките и финансиските средства исчезнаа, тие, сепак, остануваат како еден вид „камен на сопнување“ при движењето на луѓето, којашто за некои се чини непремостлива. Моќта на еден пасош да овозможи или не такво движење е фактичката претстава на новите поделби во управувањето со транснационалните простори, помеѓу тие што можат лесно да се движат од една земја во друга, на тој начин имајќи можност да бидат дел од глобалниот свет, и на оние кои не можат.
Втората алатка е јазикот. Опишувани на начин на кој се опишуваат како штетници, болести или непотребен товар, мигрантите се прикажуваат како помалку луѓе. Дехуманизацијата ги зголемува лутината и гадењето, и поттикнува стравови и претставува плодна почва за зајакнување на просторната сегрегација и маргинализацијата. Мигрантите се претворени во обични фигури, кои не служат за ништо добро, а се подготвени на сѐ, правејќи ги на тој начин идеален предмет на експлоатација.
Во справувањето со ваквата динамика, „Камениот гостин” има невидливо, но критично присуство. Тој ја има улогата да создаде правила што ќе ги попречуваат луѓето да се движат, и покрај недостатокот на работна сила на сите нивоа на вештини, и зголемената побраувачка за таленти. Може да утврди мерки кои што ќе ги одржуваат поединците на маргините, во постојана состојба на несигурност. Може да придонесе кон поделби, незадоволство и одбивање. Од друга страна, пак, „Камениот гостин” нè потсетува на тоа дека ако прифатните заедници сакаат да го зголемат или задржат својот животен стандард, потребно е присуство на работна сила којашто произлегува од миграциите. Постои потенцијал да се создаде заеднички простор каде што се поттикнува достоинството, заемната толеранција, разбирањето и почитта кон сите, овозможувајќи услови каде што ние и тие стапуваме во сојузништво за остварување заедничко добро.
Сепак, во времето на пост-вистината и делегитимизирањето на истражувањата засновани на факти, не е воопшто лесно за креаторите на политики кои често се жртви на фиктивни наративи, да го скршат магичниот круг во кој мигрантите се виновниците за економските проблеми и на стегањето на системите за добросостојба. Во такви средини, брзото носење на одлуки предничи пред носењето одлуки засновани на факти. Тука, се работи за политика на емоции, а не на разум. Наративите за миграцијата се вкоренуваат на таа почва и ги даваат посакуваните плодови.
Подготовката на пораки кои ќе резонираат кај оние што сè уште не се сигурни во нивните чувства и ставови кон мигрантите е интегрален дел од напорите за креирање на политики засновани на докази, кои ќе придонесат кон искористување на социјалниот, културолошкиот и иновативниот потенцијал на мигрантите. Бидејќи „ниту една сила, ниту трговијата или тековите на капиталот, немаат потенцијал да ги трансформираат животите на луѓето на одржлив и позитивен начин на исто ниво како што тоа го има миграцијата” (Sutherland, 2015).