Надежда Комендантова е виш истражувачки научник и лидер на Групата за соработка и трансформативно управување на Меѓународниот институт за анализа на применети системи, како и професор на Институтот за напреден менаџмет во наука, технологија и применети студии за развој во Боцвана (AMISTAD).
Според Merriam-Webster Dictionary, дезинформациите обично се нарекуваат неточни или лажни информации, кои намерно се шират преку различни канали за комуникација. Дезинформациите не се нова појава. Во моментот кога човештвото ја стекнало способноста да комуницира, се појавиле дезинформациите. Сепак, развојот на дигиталните технологии влијаеше драматично врз ширењето на дезинформациите, што го прави речиси универзално. Со цел да привлечат посетители на нивните платформи, еден твит од влијателни „инфлуенсери“ што не е потврден со факти може да влијае врз животот на луѓето на неочекуван начин.
Дигиталните, брзи и очигледно спонтани социјални медиуми го забрзуваат вирусното ширење на емотивното изразување на луѓето на исконски стравови, агресија и презир. Анонимноста на оние кои споделуваат содржина и значителниот недостаток на механизми за санкционирање овозможуваат погрешно толкување на пораки, дури и дискриминаторски јазик и говор на омраза кон поединци или групи на луѓе.
Со оглед на тоа што социјалните медиуми се средина со емотивен набој, тие поттикнуваат когнитивен процес кој обично се нарекува „емоционално расудување“, со кој поединците заклучуваат дека нивната емотивна реакција докажува дека нешто е точно, и покрај спротивни емпириски докази. Емоционалното расудување, за првпат воведено од психијатарот Арон Бек, создава „емоционална вистина“, која може да биде во директен судир со информациите засновани на факти. Овој когнитивен процес објаснува зошто социјалните медиуми се средина особено подложна на дезинформации, поттикнување предуслови и предрасуди, што резултира со дискриминација, нетолеранција на различни гледишта и неправеден третман на одредени општествени групи.
Миграцијата често е предмет на дезинформации. Ставовите кон мигрантите се под влијание на мислењата и перцепциите кои, пак, се предмет на влијание од социјалните медиуми. Перцепциите за мигрантите се субјективни конструкции, кои се чувствителни не само на фактори како што се социјализација, искуство, свесност, образование и морални норми, туку и на информации. Додека традиционалните медиуми сè уште нудат пасивно искуство на оние кои ги восприемаат информациите, содржината на социјалните медиуми предизвикува реакции во средина каде што секој може да коментира и изразува мислење за темата што се дискутира, создавајќи цел прилив на чувства. Покрај едноставните лајкови, овие чувства ја обликуваат „емоционалната вистина“ која игра исклучително важна улога во формирањето предрасуди и заблуди, бидејќи обезбедува терен за пополнување на празнините во достапните информации или за замена на личното искуство што недостасува. Ова објаснува зошто мигрантите, особено оние кои потекнуваат од земји со непознати култури, се соочуваат со повеќе предусловно расудување поради нивниот изглед, облека или форма на комуникација.
Развојот на дигитални алатки кои се занимаваат со дезинформации во социјалните медиуми може да понуди можен пристап за справување и спречување на ширењето на дезинформации. Според новото истражување спроведено од Меѓународниот институт за применета системска анализа (IIASA) во рамките на проектите CORE и Co-Inform финансирани од Европската комисија, дигиталните алатки кои се соодветно развиени можат да стимулираат критичко размислување и да упатуваат на дефинформирачка содржина без цензурирање на интернетот.
Проектот тестираше дигитални алатки како додаток за прелистувач, контролна табла за проверка на факти и канал на Твитер, за да го стимулира критичкото размислување и желбата корисниците на социјалните медиуми да пребаруваат повеќе информации. Овие алатки нудат можности за разоткривање на дезинформации, притоа истакнувајќи го фактот дека информациите може да потекнуваат од извор кој веќе има репутација за ширење дезинформации. Целта на алатките е да се прекине циклусот на интуитивна реакција врз основа на лични перцепции или емоционална повратна информација. Тие ги поттикнуваат корисниците на интернет да размислуваат критички, да бараат дополнителни информации за темата или веста, наместо да го следат нагонот за дополнително ширење на потенцијално дезинформирачката содржина.
Интернетот влијаеше врз светот на информациите на непредвидлив начин, поставувајќи дилеми за тоа како да се најде рамнотежа меѓу слободата на изразување и потребата да се спречат дезинформациите и нивното штетно влијание врз поединците и општествата. Особено е клучно да се развијат мерки за политика и оперативни мерки за да се зголеми отпорноста на корисниците и потрошувачите на дезинформациите. Вештачката интелигенција може да понуди корисни алатки кои вреди да се истражуваат понатаму, истовремено удвојувајќи ги офлајн и онлајн напорите за обновување и привлекување на вниманието кон извори на текстови, слики и видеа. Не е лесна задача во време на Chat GPT и неконтролираните софтвери со ВИ за создавање содржина, кои од неодамна се инфилтрираа во онлајн просторот.