Антонио Данте Сантанџело е професор по семиотика и семиотика на дигиталните култури на Универзитетот во Торино. Како член на италијанската национална мултидисциплинарна креативна група на проектот E-MINDFUL, тој има истражувано за наративите поврзани со миграцијата во контекстот на Италија.
Со цел да се истражат комплексните фактори кои влијаат врз градењето на ставовите кон мигрантите, проектот E-MINDFUL има за цел да креира прототипи за информативни кампањи поврзани со миграциите и да ги тестира. На тој начин, процената ќе се фокусирана на реакцијата на таканаречената „подвижна средина”, односно оној дел од јавноста кој се чини дека осцилира помеѓу позитивните и негативните ставови. Тука, целта е да се промовираат наративи поврзани со миграциите кои одат подалеку од поларизацијата која оваа дебата ја катализира, надминувајќи ги стандардните пораки од видот на ние против нив или стереотипизацијата во формата на „мигранти-закана-тероризам-инвазија”. Како што проектот се стреми да развива различни пораки и да го анализира нивното влијанието на транснационално ниво, методите кои се применуваат во ко-креативниот процес имаат за цел да ги потенцираат сличностите и разликите во начинот на кој миграциите и мигрантите се сфатени во различни контексти и култури. Идејата дека можеби има нешто општо и универзално во условите на оние кои мигрираат дозволува секој да може да го разбере значењето на својот избор и својата егзистенцијална ситуација. Но, и покрај тоа, во секоја земја, овие универзални услови се разликуваат во нијанси. Следствено, со цел да се изградат наративи кои би можеле да ја претстават универзалноста на условите на мигрантитеи би можеле да резонираат во Италија, Србија, во Германија или Бугарија, E-MINDFUL се обидува да изгради приказни кои ќе се чинат слични, но сепак различни. Слични, бидејќи се засноваат на заедничкиот супстратум, а различни поради тоа што се фокусираат на теми и ликови кои се менуваат, во зависност од националниот контекст.
Иако е сложенo, сепак може да се насочува креативен процес кој води до концепција на тие наративи. Усвојувањето на она што во семиотиката се нарекува „генеративен метод за конструкција и анализа на наративни текстови“ (Greimas, 1983; Floch, 1990; Marsciani и Zinna, 1991) овозможува приказните да добиваат споредливо значење во очите и ушите на односната публика без да се изгуби нивната специфичност и поимање во различни културни контексти. Според овој пристап, значењето на секоја приказна се конструира низ концентрични кругови. Од многу едноставно семантичко јадро, познато како „длабоко ниво“, во кое се спротивставени широките и „универзалните“ вредности, приказните преминуваат на посложени нивоа. Со преземање одредени појави и дејствувајќи во дефинирани места и ситуации, ликовите ги отелотворуваат тие универзални вредности, нешто што ги збогатува и контекстуализира, ставајќи ги во преден план наративите што тие ги создаваат.
Според овој модел на „давање вредност на наративните текстови“, приказните кои се навидум различни, бидејќи се сместени во различни периоди и места, се фокусираат на специфичните настани на одредени ликови, споделуваат исто структурно функционирање и ист „длабок“ корен. Задржувајќи го сопственото значење, овие приказни споделуваат заедничко значење, како да се однесуваат на длабока енергија што го движи секој поединец надвор од специфичностите на контекстите.
На пример, може да замислиме приказна за вредноста на слободата. Во своето најдлабоко ниво, приказната може да се артикулира околу спротивставувањето помеѓу слободата и некоја форма на принуда. Според оваа длабока структура, секогаш ќе постојат ликови кои ќе сакаат да бидат слободни, кои му помагаат на другиот да биде слободен или кои едноставно ќе се противат на слободата затоа веруваат во сосема спротивната вредност. Може да има и други ликови кои не земаат улога, туку само проповедаат добрина преку различен поглед на работите.

Таквите ликови ќе ја одредат волјата, должноста, моќта и недостатокот на моќ на другите, според следнава шема: (D1 ПРИКЛУЧЕН НА V1), (О1 S1 НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИКЛУЧЕН НА V2) но (D2 ПРИКЛУЧЕН HA V2) (A2 S1 МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИКЛУЧЕН НА V2). Во практика, тоа значи дека еден поединец (D1), кој верува во одредени вредности (V1) и ги прикажува во приказната, ќе ги поттикне дејствата на друг лик којшто ја презема улогата на противник (O1) на другиот поединец (S1), спречувајќи го вториот да ги реализира сопствените вредности (V2). Но, друг лик (Д2), кој верува во истите тие вредности и веќе ги има реализирано, влијае на постапките на (А2) којшто му помага на S1, така што и тој ќе се ослободи и ќе живее според тие вредности.
Оваа „длабока“ структура може да биде поврзана со многу приказни за слободата. Сепак, со цел овие наративи да имаат смисла, не е доволно само да се има заедничка структура. Самиот концепт на слобода е генеричка тема што треба да се одреди: слобода на говор, на пример, или ослободување од патријархалната култура, слобода од репресивен режим или слобода на мислење, слобода на движење, слобода на избор на сексуална ориентација итн. Понатаму, треба да се утврди каде се одвиваат локациски приказните, во кој период, каква физиономија, вклучувајќи и естетска, имаат местата и ликот, итн. Целината на овие елементи придонесува кон „генерирање“ на вредноста на ваквите наративи, кои ќе добијат значења кои на некој начин се слични, но сепак и различни.
Во перспективата E-MINDFUL, ова е интересно, бидејќи – останувајќи на примерот погоре – јасно е дека секој културен контекст има свој начин на тематизирање на приказните за слободата, додека тие го делат истото „длабоко“ функционирање. На пример, во извештајот кој често се дава во западните земји за моменталната ситуација на жените во Иран, Д1 е улогата што ја играат ајатолахот и државата во исто време, додека О1 е моралната полиција. Овие ликови, анимирани од нивните религиозни вредности, ги спречуваат С1, жените, да се здружат со сопствената вредност на слободата претставена симболично со борбата против превезот. Во самиот Иран и во странство, сепак, има луѓе кои ја играат улогата на Д2, оние кои живеат според вредностите кои Иранките сакаат да ги реализираат и, преку нивниот пример и придонес, можат да ги мотивираат А2 (оние во Иран и во странство кои го поддржуваат женскиот протест) да дејствуваат за поддршка на С1. Сега, фактот дека С1 се жени во Иран, дека А2 се нивните сопрузи, браќа и сестри и родители, дека Д1 се мажи во моментот на власт кои бараат од стражарите (О1) да го одржуваат јавниот ред, се суштински карактеристики за да се одреди значењето на оваа приказна.
Причината поради која оваа приказна резонира во западните земји е фактот што според наративот кој кружи околу движењето „Me Too” и сличните движења, „нашите” жени, исто така, долго имаат водено слични битки, и ја имаат истата длабока наративна структура, но се разликуваат по „нивоата” на генеративниот модел за којшто пишуваме во оваа статија. Иако покривањето на косата со шамија или друг тип на прекривка е наметнато само на одредени места, жените низ целиот свет продолжуваат да страдаат поради длабоко вкоренетата патријархална култура која е, пак, вкоренета во верските и традиционалните вредности кои им оневозможуваат на жените да уживаат еднаков пристап до можности. Жените, на тој начин, бараат помош од мажите за да ги остварат своите цели во врска со еднаквоста и слободите.
Од оваа перспектива, јасно е дека може да се земат многу примери: на секое место во светот, борбата за слобода се заснова на различни конотации.
Она што тука е важно е можеби тоа што сега станува појасно како E-MINDFUL се стреми да го насочува процесот на ко-креација на прототипите на информативни кампањи преку идентификација на длабоки наративни структури кои се применливи кај повеќето од приказни за миграциите, за да може да резонираат на „универзален” начин, помагајќи кон тоа да се гледа на мигрантите со поинакви очи, подалеку од фикцијата на наративите кои се вештачки изградени за да ги демонизираат или прикажат како жртви. Во согласност со генеративниот модел, ќе се контекстуализира „длабоко јадро” на културите на различните држави кои учествуваат во проектот. На тој начин, намерата е да се поттикнат наративи кои се универзални и посебни, и може да допрат до целната публика, без притоа да ги изгубат специфичните погледи и локалните проблеми.